Израел- Хамас

Продолжуваат нападите во Газа

10.04.2024 12:56

Американскиот претседател Бајден со критики за пристапот на израелскиот премиер Нетанјаху во војната во Појасот Газа. Експерти со став дека договорот за заложници меѓу Израел и Хамас може да го смени текот на војната …

Израелските одбранбени сили сè уште се борат против Хамас во централниот дел на Појасот Газа. Продолжуваат воздушните напади врз енклавата. Пристапот на израелскиот премиер Нетанјаху кон војната во Газа е погрешен, изјави американскиот претседател Џо Бајден во интервју за американска ТВ-мрежа на шпански јазик. Од друга страна, од неговата администрација велат дека израелскиот предлог за враќање на заложниците е добар, но не се информирани за никаков конкретен датум за почеток на голема офанзива во Рафах.

„Немаме датум за каква било операција во Рафах. Претседателот беше многу јасен за нашата длабока загриженост за способноста на Израел да ги оддалечи цивилите од опасност. Ние сме посветени на тоа Хамас да не може да управува или да ја диктира иднината на Газа или што било друго“, изјави Ентони Блинкен, државен секретар на САД.

Хамас тврди дека Израел не нуди ништо ново во последниот предлог за прекин на огнот. Според експерти, договорот за заложници може да ја смени траекторијата на војната.

„Хамас веќе денес е сосема поинаква, намалена, терористичка закана. Но, сè уште е таму. Хамас беше многу непопустлив затоа што не сум убеден дека е желен за договор. Милитантната група е среќна што положбата на Израел паѓа, а односот со клучните добавувачи на оружје се влошува. Мислам дека Хамас го гледа тоа како многу поважна стратешки цел“, рече д-р Метју Левит, директор за контратероризам и разузнавање во Вашингтонскиот институт за политика на Блискиот Исток.

Во последните три дена во Појасот Газа влегоа над 1.200 камиони со хуманитарна помош. Меѓународната заедница со сè погласни апели за заштита на цивилите и за решение за повоена Газа.

„На крајот мирот, безбедноста за Израел, ќе се постигне само ако имаме палестинска држава покрај израелската држава. Решение со две држави е единствената надеж за прекин на бескрајниот круг на насилство. И затоа ги повикуваме сите страни да се вратат на масата. Се ангажираме да ги поддржиме сите напори за унапредување на политичкиот процес, вклучително и дискусии меѓу регионалните лидери“, нагласи Пени Вонг, министер за надворешни работи на Австралија.

Палестинците и муслиманите во светот го празнуваат Рамазан Бајрам, во време на војна на Блискиот Исток која почна на 7 октомври. Засилени безбедносни мерки во Ерусалим. Од церемонијата за големиот верски празник, во Техеран, врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи ги повтори ветувањата дека ќе се одмазди на Израел за убиството на двајцата ирански генерали по нападот врз нивниот конзулат во Сирија. Израелскот шеф на дипломатијата вели дека доколку тоа се случи, ќе возвратат со иста мера.

Маријана Димовска