Скопје

Сè уште не се познати причините за пожарот во Универзална сала

10.04.2024 15:45

Започна увидот по пожарот во Универзална сала. Стручно вешто лице ќе се произнесе дали пожарот е евентуално предизвикан од човечки фактор или се работи за несреќен случај, велат од Обвинителството. Вчера Државниот инспекторат за труд извршил и контрола на работењето на фирмите ангажирани за реконструкција на салата…

Надлежните да ги засукаат ракавите и да покажат поголема сериозност за реконструкција на Универзална сала, алармираат градежните експерти. Според професорот Петар Цветановски од Градежниот факултет, обновувањето на Универзална треба да биде по сите стандарди.

За уметниците пак, Универзалната сала има голема културна вредност. Директорот на фестивалот „Златно славејче“, Бобан Јосифовски, се сеќава на убавите моменти во објектот со капацитет од 1.500 седишта, каде поминале десетици фестивали со многубројна публика.

За салата над 15 години се најавува дека ќе се реновира, но не само што не е обновена, туку објектот е затворен девет години. Додека трае истрагата, на објектот не можат да се вршат никакви градежни работи.

На 18-ти септември лани, Министерството за култура ја презеде концертната сала. На 16-ти февруари годинава продолжи реконструкцијата, на 9-ти април објектот изгоре.

Борис Грујоски