Продолжуваат руските напади врз Украина
Нов бран жестоки руски напади врз Украина со повеќе од 40 проектили и над 40 дрона. Бајден повторно го повика претседателот на претставничкиот дом да дозволи гласање за помош на Киев...

Нов бран жестоки руски напади врз Украина со повеќе од 40 проектили и над 40 дрона. Експлозии на североистокот, југот и западот на земјата. Најтешко погоден регионот Харков. Повеќе од 200 илјади потрошувачи останаа без струја. Дефицитите не ја унапредуваат војната, изјави Зеленски.
Апели за помош на Украина
„Ни требаат системи за противвоздушна одбрана и борбени авиони да ги заштитиме градовите од рускиот терор. Ни треба артилерија за да ја оддалечиме линијата на фронтот и ни треба правда, притисок врз Русија што нема да му дозволи на Путин да го зголеми својот воен потенцијал. Путин со својата агресија може да го пополни само дефицитот на светските одлуки. Можно е да се победи оваа војна. Но, дефицитите не ја унапредуваат војната“, порача украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
Бајден повторно го повика претседателот на претставничкиот дом Мајк Џонсон да дозволи гласање за помош на Киев, велејќи дека е единствениот начин за крај на војната.
„Завршувањето на војната во Украина ќе зависи од тоа дали лидерот на претставничкиот дом ќе дозволи гласање. Има огромна поддршка за Украина меѓу мнозинството демократи и републиканци. Потребно е сега да има гласање“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.
Доцнењето на помошта има последици на терен
Украина не може да чека, изјави шефот на европската дипломатија Борел, повторно повикувајќи ја ЕУ да ја забрза воената помош. Јавна замолница до сојузниците за донирање повеќе системи за воздушна одбрана, упати и првиот човек на НАТО, Столтенберг.
„Ситуацијата на бојното поле е тешка. Доцнењето на помошта има директни последици на теренот и ќе им овозможи на руските ракети да погодат повеќе цели и да притиснат на линијата на фронтот. Украина едноставно не може да чека. Сега и требаат воздушна одбрана, муниција и помош“, изјави генералниот секретар на, Јенс Столтенберг.
Москва вели дека е отворена за мировни преговори во Швајцарија, но дека нема да учествува на конференцијата.
Бојана Крстевски
