Култура

Изложба „Три генерации Ташковски“ во МАНУ

11.04.2024 11:11

Вечерва во 19 часот во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе биде отворена изложбата „Три генерации Ташковски“...

Вечерва во 19 часот во Ликовниот салон на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе биде отворена изложбата „Три генерации Ташковски“.

Претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, ќе има поздравен говор, а изложбата ќе ја отвори академик Газанфер Бајрам.

На изложбата ќе бидат претставени делата на трите генерации ликовни уметници почнувајќи од Ристо Ристовски, академик Васко Ташковски и Лара Ташковска.

Ристо Ристовски е роден 1912 г. во с. Нижополе, Битола. Со сликарство активно се занимава од 1976 г. до 1982 г. Во тој период насликал 314 слики во техника темпера.

Васко Ташковски е роден 1937 г. во с. Нижополе, Битола. Дипломирал на Академијата за применета уметност во Белград 1964 г. Покрај сликањето во маслена техника работи и акварел, цртеж и графика. Има реализирано 52 самостојни изложби и е добитник на 18 награди и признанија.

Лара Ташковска е родена во Скопје. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на отсекот сликарство. Таа е македонска современа ликовна уметница која работи во техниките масло, акрил и акварел и поседува приватно училиште за ликовни уметности – Ателје за цртање и сликање во Скопје.