Гостување на Драмски театар на фестивалот РУТА во Подгорица
Претставата „Падот на Масада“ ја режираше режисерот Дејан Пројковски, на текст на Венко Андоновски. Претставата е необична колаж – драма, составена од шест драматични слики од различни историски епохи во кои се случувал чин на самоубиство.

Ансамблот на Драмски театар вечерва во 20 часот ќе ја игра претставата на сцената „Будо Томовиќ“ каде неделава ќе се претстават и сите останати членки на Унијата: Београдско драмско позориште, Местно гледалиште Љубљана, Камерни 55 од Сараево, театарот Улисис од Хрватска и домаќинот Градско позориште Подгорица.
Претставата „Падот на Масада“ ја режираше режисерот Дејан Пројковски, на текст на авторот Венко Андоновски. Асистент на режија е Дамјан Димовски. Сценографијата и костимографијата на претставата се доверени на Валентин Светозарев. Музиката е на Горан Трајкоски.
Улогите ги толкуваат актерите на ансамблот при Драмски театар Скопје: Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Филип Трајковиќ, Рубенс Муратовски и Александар Степанулески.
Авторот Венко Андоновски во белешката за текстот и претставата „Падот на Масада“ го поставува прашањето – Вреди ли да се даде животот за една идеја, без разлика колку таа е поврзана со националната, патриотската, револуционерната или која било друга идеолошка чест!? Претставата е необична колаж – драма, составена од шест драматични слики од различни историски епохи во кои се случувал чин на самоубиство.
По премиерата во декември минатата година ова е прво меѓународно гостување на претставата „Падот на Масада“. На матичната сцена претставата е изведена веќе десетина пати и за секоја изведба има голем интерес од публиката.
По фестивалот што се одржа во Љубљана во февруари, Подгорица е втор домаќин во годишниот календар на фестивалот РУТА. Наредното ревијално издание на регионалниот фестивалот РУТА е наредниот месец во Сараево каде домаќин ќе биде театарот – Камерни 55.
