ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Жестоки борби во Газа

11.04.2024 12:37

Во израелски напад убиени тројца синови и четворица внуци на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханија. Војниците за таквиот чекор воопшто не го информирале Нетанјаху, објавија израелските медиуми...

Опасна закана за проширување на војната на Блискиот Исток. САД и сојузниците предупредуваат од можен масивен напад на Иран врз воени и владини цели во Израел. Тврдат, нападот ќе го извршат проирански групи како одмазда за израелското бомбардирање на иранскиот дипломатски комплекс во Дамаск, објавуваат западни медиуми, повикувајќи се на извори од американското и израелското разузнавање.

Бајден: Поддршката на САД ќе зависи од заштитата на цивилите 

И додека Израел се подготвува за офанзива врз пограничниот град Рафах, Бајден истакна дека пристапот на Нетанјаху кон војната во Газа го смета за грешка. Предупреди дека идната поддршка на САД за Израел ќе зависи од заштитата на цивилите и хуманитарните работници во Појасот.

„Бев многу отворен и директен со премиерот Нетанјаху. Тој се согласи за внесување поголема помош, храна и лекови во Газа и значително намалување на цивилните жртви во секоја акција преземена во регионот“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

Убиени тројцата синови на лидерот на Хамас

Додека траат преговорите меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот во Појасот Газа, состојбата дополнително се компликува поради убиството на тројцата синови на лидерот на милитантната група. Исмаил Хание потврди дека во израелски напад со беспилотно летало загинале тројца негови синови. Дециден е дека убиствата нема да го притиснат Хамас да ги омекне своите позиции.

„Господ да ги помилува, ние ќе продолжиме, нив Господ да ги помилува“ рече Хание,

„Стоиме на местото каде што загинаа синови на шефот на политичкото биро на движењето на исламскиот отпор, нека знаат сите дека народот на Палестина во Појасот Газа е во иста ситуација. Нема разлика меѓу синовите на водачите и синовите на народот“, изјави братот на Хание.

Во меѓувреме Министерството за здравство на Газа, излезе со нови податоци за бројот на загинати од почетокот на војната меѓу Израел и Газа. Црниот биланс достигна над 33 илјади и 400 жртви, од нив 13 илјади се деца. Регистрирани се најмалку 76 илјади ранети лица.

 

Маја Стојанова