Македонија

Значителен пад на земјава во годишниот извештај на „Фридом Хаус“

11.04.2024 14:02

Промената на елитите не носи структурна промена – „Фридом Хаус“ ја окарактеризира земјава како цикличен хибрид. Има назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата...

Циклични хибриди е групата во којашто е ставена земјава во најновиот извештај на „Фридом Хаус“ – образложението е дека промените на елитите не носат значајни структурни промени, се политизираат и заробуваат институциите.

„Фридом Хаус“ оценува дека државава бележи назадување поради долготрајната корупција на високо ниво, не се преземени позначителни чекори за елиминирање на корумпираните мрежи на дејствување. Груевски и неговите соработници не се изведени пред лицето на правдата, а контроверзните измени на Кривичниот законик дополнително ги намалиле казните за такви злоупотреби, што резултираше со отфрлање на неколку важни случаи.

„Фридом Хаус“ го нотира и судирот на партиите околу уставните амандмани, потребни поради бугарското вето за пристапување во Европската унија.

Оценката за Македонија е намалена од ланската - 3.86 на 3.79. Од вкупно 29 земји кои се опфатени во извештајот, 10 имаат пад во рангирањето на демократијата. Од регионот зад нас е само Србија. Според невладината организација „Фридом хаус“, демократското владеење кај земјите во транзиција се влошува дваесетта година по ред.

 

Марина Стојанова-Тонева