Светска банка

Македонската економија со најмал раст во регионот

11.04.2024 14:21

Македонската економија со најмал раст во Западен Балкан – Светска банка го претстави извештајот. Инфлацијата ќе се намалува, ама советот е наместо да се замрзнуваат цени да се создадат подобро платени работни места...

Најмал раст во регионот од 2,5% и инфлација од 3% се прогнозите на Светска банка за 2024 година за Македонија. Забавувањето на процесот на изградба на коридорите, забавената енергетска транзиција, јазот меѓу платите и продуктивноста, краткорочните мерки за време на пандемијата се дел од причините.

„Растот во Западен Балкан повторно забави во 2023 година, што влијае на ослабнувањето на економиите, трговијата, инвестициите и довербата на деловниот сектор. Приближувањето кон приходите на ЕУ е само 40%“, изјави Масимилиано Паолучи, директор на Светска банка.

Ако во почетокот инфлацијата беше предводена од растот на цените на храната и на енергијата, сега од зголемените цени во производството. Ова е причината поради која граѓаните не го чувствуваат намалувањето – вели Јоана Маџовска, економист во Светска банка.

Како може земјоделска земја која извезуваше земјоделски производи, сега да увезува – се прашува Сања Маџаревиќ од Светска банка.

Инвестирањето во зелени и функционални градови значи поквалитетни работни места и поголем раст.

Она што секојдневно го слушаме од граѓаните го потврдува и извештајот на Светска банка за регионот, половина не можат да ги покријат трошоците за еден месец, а третина ги покриваат само за две недели за преостанатите денови се задолжуваат, за заштеда нема.

 

Александра Велинова