Стејт Департментот со висока оценка за Македонија во областа на справување со трговијата со луѓе

20.06.2014 10:56

Во годинешниот извештај државава е ставена во групата еден, на земји кои сериозно се справуваат со овој проблем...

Македонија високо оценета од Стејт Департментот за справувањето со трговијата со луѓе. Во годинешниот извештај државава е ставена во групата еден, на земји кои сериозно се справуваат со овој проблем и ги исполнуваат препораките за запирање на трговијата со луѓе.

Во препораките содржани во извештајот, се наведува дека е потребно интензивно истражување, гонење и осудување на трговците со луѓе и нивните помагачи, обука на социјалните работници и невладините организации за да се препознаат случаите на трговија со луѓе при акциите против илегалните имигранти, и да се даде поддршка за групите кои се особено на удар, како што се децата кои питачат на улиците.

Извештајот оценува дека две третини од македонските граѓани кои се жртви на трговија со луѓе се малолетници на возраст од 12 до 18 години. Од странските граѓани, во Македонија најмногу има случаи на жртви на трговија со луѓе принудувани да даваат сексуални услуги и тоа од Албанија, Бугарија, Србија, Босна, Украина и од Косово. Најголем дел од земјите од соседството се оценети во групата два.