ДИК ги потврди листите со кандидати за пратеници
Државната изборна комисија за утре ја планира ждрепката за редните броеви на гласачкото ливче за парламентарните избори...

Државната изборна комисија попладнево на седница ги потврди листите со кандидати за пратеници на Парламентарните избори закажани за 8-ми мај.
Членот на ДИК, Борис Кондарко на почетокот на седницата појасни дека ниеден рок не е доведен во прашање и посочи оти сите рокови ќе бидат запазени и од нивна страна ќе бидат преземени сите активности согласно Изборниот законик. Тој информира дека за утре ја планираат ждрепката за редните броеви на гласачкото ливче за парламентарните избори.
ДИК утврди дека во сите шест изборни единици имаат поднесено листи за пратеници Коалицијата за „Европска иднина“ предводена од СДСМ и Коалицијата, Коалицијата „Храбро за Макеоднија“ преводена од ГРОМ ИНТЕГРА и ПЦЕР, Партијата Македонска Ера Трета – македонски независни листи-суверинисти, политичката партија Левица, Коалицијата „Европски фронт“ – преводена од ДУИ и коалицијата, Коалицијата „Влен“ (Вреди), Коалицијата „Твоја Македонија“ преводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Движењето ЗНАМ За наша Македонија.
Политичката партија Демократи има поднесено листа пратеници во пет изборни единици, политичката партија Аваја во ИЕ 3, 4, 5 и 6, Твоја партија во ИЕ 1, 2, 3 и 4, Родина Македонија во ИЕ 1, 2, 4 , 5 и 6, а Партијата Единствена Македонија – Европско граѓанско движење има поднесено листа за кандидати за пратеници само за Шестата изборна единица.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски информира дека Партијата Нова алтернатива прави корекции и не е уште комплетирана листата, но потенцира дека уште траат роковите за исправки кои треба да ги извршат партиите.
Едногласно беше усвоено Барањето за акредитација за набљудувачи за претседателските и за парламентарните избори од амбасадите на Унгарија, Холандија и Црна Гора во Скопје, албанскиот сервис на Гласот на Америка, ОБСЕ/ОДИХР Канцеларија за демократски институции и човекови права и Амбасадата на Црна Гора во Скопје.
