Со камери ќе се снимаат потпалувачите на стрништа
На 10 локации во земјава со камери ќе се снимаат потпалувачите на остатоците од житата на нивите. Ова е пилот-проект кој го контролира и санкционира палењето на стрништата. Од стотина подметнати пожари минатата година, пронајдени се само 4 сторители …

Со помош на камери поставени на антените на телекомуникациските оператори на 10 локации во земјава, ќе се контролира и санкционира палењето стрништа во земјава.
Се работи за пилот-проект, со поставување камери со видливост до 10 километри, со што ќе може да се видат и да се санкционираат земјоделците коишто ги палат своите стрништа.
Овие камери се чувствителни на чад и инспекторите преку телефонски или компјутерски пораки ќе алармираат дека на локациите каде што е поставена камерата има пожар. Заедно со противпожарната служба и полицијата ќе се оди на местото за да се најдат сторителите или да се спречи огнот да направи поголем проблем. Палењето на остатоците од жетвата на житата е сериозен проблем во земјава, велат надлежните. Минатата година се направени 114 записници, а откриени се само четири сторители.
Ова е проблем особено во Кочанскиот, Пелагонискиот Регион и во Тетовското Поле. Земјоделците имаат навика и сметаат дека ако ја запалат нивата, полесно ќе ја обработуваат, што не е точно.
Се очекува дека од наредната година со овој систем ќе биде опфатена целата држава по примерот на многу земји во светот.
Методија Трајков
