Ванковска од Куманово: Потребен ни е нов, модерен Устав
Кандидатката за претседател на државата поддржана од Левица, Ванковска ја презентираше својата програма пред кумановци. Посочи дека е неопходен нов, модерен Устав, но и дека ќе го врати достоинството на нацијата.

Носење на нов, модерен, современ Устав за 21-от век, е дел од програмата на кандидатката за претседател на државата поддржана од Левица. Ванковска на собирот пред кумановци порача дека ќе го вратат достоинството на нацијата. Потенцираше дека Уставот веќе не може да се крпи. Нагласи дека ги оспорува трите договори, кои како што рече се наметнати однадвор, под насилство или со посредување на странци.
„Мојот лек за оваа ситуација е не крпење на овој Устав кој веќе е крпеница и веќе наликува на фустанот на Пепелашка со безброј амандмани од кои и смислата е изгубена. Носење на апсолутно нов, современ, Устав за 21-от век за една модерна македонска нација која ќе докажеме дека ги преминала болките коишто ги имала во минатото, тука мислам и на конфликтот 2001-та, но и на олигархискиот грабеж кој и се случи на Македонија и оваа колонијална положба во која се наоѓаме. Нашата програма е борбена некои викаат радикална, јас велам дека од некаде мора да се почне“, истакна кандидатката за претседател од Левица.
Ванковска ги повика останатите кандидати да се соочат на дебата. За досегашната кампања рече дека не била фер и демократска од почеток. Стартувале со различни позиции, „помалите“ кандидати биле „ограбени“ во медиумското претставување.
Елена Георгиевска
