Се продлабочува кризата на Блискиот Исток
САД предупредуваат од голем ирански напад врз воени и владини цели во Израел. Американската амбасада во Израел им забрани на вработените да патуваат во Ерусалим и во Тел Авив. Иран најавил дека ќе му се одмазди на Израел за нападот во Дамаск на начин со кој ќе се избегне поголема ескалација …

САД предупредуваат-очекуваме ирански напад во Израел. Веруваат дека одговорот на Техеран не би бил од толкав размер што би го вовлекол и Вашингтон во војната. Од Белата куќа децидни-не сакаме конфликтот да се прошири на Блискиот исток.
„Загрижени сме за ризикот од ескалација на Блискиот Исток. Знаете дека стоиме силно зад Израел. Секретарот Блинкен направи серија повици до странските колеги да разјаснат дека ескалацијата не е во ничиј интерес и дека земјите треба да го повикаат Иран да не ескалира“, изјави Метју Милер, портпарол на американскиот Стејт департмент.
Во обид да ги смири тензиите и германската шефица на дипломатијата разговарала со нејзиниот ирански колега.
„Сите дипломатски телефонски линии се вжештени за да се спречи регионална ескалација на Блискиот Исток. Никој не треба да долева масло на огнот. Сите играчи во регионот се повикани да се однесуваат одговорно и да покажат воздржаност. Имајќи го ова на ум, разговарав и со мојот ирански колега“, Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.
Техеран тврди дека доколку имало осуда од Советот за безбедност за нападот во Дамаск, одговорот можел да се избегне. Израел е подготвен за секое сценарио-вели одбраната. Во Тел Авив и шефот на американската централна команда – ден по убиството на тројцата синови на лидерот на Хамас.
„Генералот Курила заедно со началникот на генералштабот направија проценка на безбедносните предизвици во регионот. Нашите односи со САД се силни и блиски. Напад од Иран би бил јасен доказ за нивните намери да ескалира Блискиот Исток и да престанат да се кријат зад посредниците. Ќе знаеме како да дејствуваме онаму каде што е потребно“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.
Во Појасот Газа се уништува терористичката инфраструктура додека Палестинците продолжија да се враќаат во разурнатите домови во Кан Јунис.
„Ги расчистуваме остатоците од нашиот дом за да останеме во него. Подобро е да живееме во урнатините на нашите домови отколку во шаторите каде што бевме“, изјави Ишраф Кудех, жителка на Кан Јунис.
Хуманитарците сведочат за невозможната мисија да се достави помошта на северот.
„Бев во автомобилот кој беше погоден. Чекавме на јужно од контролниот пункт кога во близина избувнаа пукотници. Ова само ја нагласува нашата опасност на која сме изложени. Решивме да ја продолжиме мисијата и да доставиме помош до гладните деца, но за жал немавме зелено светло“, изјави Тес Инграм, портпаролка на УНИЦЕФ.
Додека цивилите се соочуваат со глад, Ерусалим тврди дека Хамас бега и го пролонгира одговорот на израелскиот предлог за прекин на огнот во Газа.
Бојана Крстевски
