Се санира свлечиштето на патот кон Пелистер

20.06.2014 11:29

Конечно се решава проблемот со свлечиштето на патот кон Пелистер кое поради изобилните дождови им се закануваше на возачите цели 4 години. Работите на неговата санација почнаа и ветуваат заживување на планината како туристичка дестинација...

Во пресрет на летната туристичка сезона започна санацијата на свлечиштето во националниот парк „Пелистер“ кое се појави пред четири години како последица на обилните дождови и беше едно од најгорливите проблеми за безбедно движење на возилата чија дестинација беше детското одморалиште и хотелот Молика.

Посебно тешко за возење беше на овој дел од патот во зимскот период. Горе одат деца и  доста туристи, на моменти беше и страшно, ме радува што овој проблем ќе се надмини вели таксистот Димитар Стерјовски.

Многу често возам на овој патен правец и навистина не беше безбедно посебно кога требаше да се разминеш со друго возило“, вели возачот Благоја Грујовски.

По досегашните испитувања и изработената проектна документација, градежната компанија Гранит,, оштетениот дел од патот ке го зацврстува со изградба на потпорен зид.

Проектот предвидува бетонски шипови. Армирана бетонска плоча и потпорен зид. Во моментов се изведуваат подгоѕвителните земјени работи“, вели Благојче Стерјовски од Гранит.

Без безбедна патна инфраструктура нема ни перспектива во туризмот. Од првиот Национален парк на земјава велат дека можностите ке се зголемат во следните две години со реализацијата на владината програма која предвидува проширување на патниот правец не обновуван близу четири децении.

„Тоа значи дека за кусо време Пелитер ќе може да биде уште попосакувана дестинација, а гостите да се чувствуваат побезбедни и полесно и побрзо да доаѓаат до посакуваната дестинација“, рече Пеце Цветановски задолжен за односи со јавноста во оваа институција.

До почетокот на зимската сезона оваа четиригодишна голгота ќе биде само еден лош туристички сон.

 

Стевче Митревски