ДИК ќе изврши ждрепка за редоследот на листата со кандидати за пратеници
Државната изборна комисија ги потврди повеќето листи за пратеници поднесени од политичките партии и коалициите за претстојните парламентарни избори...

Државната изборна комисија ги потврди повеќето листи за пратеници поднесени од политичките партии и коалициите за претстојните парламентарни избори.
Со ждрепка треба да биде утврден редоследот на гласачкото ливче. Со измените на Изборниот законик, од број еден до број седум редоследот на коалициите и партиите ќе биде ист како за претседателските избори.
Државната изборна комисија даде зелено светло за листите од коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ, „Твоја Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ, „Европски фронт“ предводен од ДУИ, „ВРЕДИ“ на албанскиот опозициски блок, движењето „ЗНАМ“, Левица, коалицијата „Храбро за Македонија“ која ја сочинуваат ГРОМ, ПЦЕР и Интегра и партијата Македонска ера трета. Тие имаат поднесено кандидатски листи за шесте изборни единици. Само неколку листи сè уште не се потврдени, а меѓу нив се и тие од нова алтернатива, партија која од неодамна ја презеде скопската градоначалничка Данела Арсовска.
Течат роковите за исправки. Дел од партиите пак решиле да поднесат кандидатски листи за пет или помалку изборни единици. Меѓу нив се партијата Демократи, АВАЈА, Твоја партија, Родина-Македонија, Единствена Македонија. Парламентарните избори ќе се одржат на 8-ми мај. Тогаш ќе се гласа и во вториот круг претседателски избори, додека првиот ќе се одржи на 24-ти април.
