Блиски Исток

САД и Франција повикаа да не се патува на Блискиот Исток

12.04.2024 14:58

САД предупреди дека очекува ирански напад во Израел. Франција ги повика граѓаните да не патуваат на Блискиот Исток и забрани извршување на мисиите во Иран, Либан, Израел и на палестинска територија...

Вашингтон не сака конфликтот да ескалира на Блискиот Исток, но предупреди дека очекува ирански напад во Израел. На вработените во тамошната амбасада им забрани да патуваат во Ерусалим и Тел Авив. И Франција ги повика граѓаните да не патуваат на Блискиот Исток и забрани извршување на мисиите во Иран, Либан, Израел и на палестинска територија.

„Секретарот Блинкен направи серија повици до странските колеги да разјаснат дека ескалацијата не е во ничиј интерес и дека земјите треба да го повикаат Иран да не ескалира“, изјави Метју Милер, портпарол на американскиот Стејт Департмент.

Техеран тврди дека доколку имало осуда од Советот за безбедност за нападот во Дамаск во кој загинаа ирански генерали, одговорот можел да се избегне.

„Сите дипломатски телефонски линии се вжештени за да се спречи регионална ескалација на Блискиот Исток. Никој не треба да долева масло на огнот. Сите Играчи во регионот се повикани да се однесуваат одговорно и да покажат воздржаност“, изјави Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.

Израел е подготвен за секое сценарио-вели одбраната.

„Нашите односи со САД се силни и блиски. Напад од Иран би бил јасен доказ за нивните намери да ескалира Блискиот Исток и да престанат да се кријат зад посредниците. Ќе знаеме како да дејствуваме онаму каде што е потребно“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Израелските власти тврдат дека Хамас го пролонгира одговорот на предлогот за прекин на огнот во Газа. Хуманитарците сведочат за неможноста да се достави помош на северот на енклавата.

 

Маријана Димовска