Академијата за судии и јавни обвинители поднесе тужба пред Управен суд по одлуката на ДКСК
Од Академијата, посочуваат дека пред, и на самата јавна седница на ДКСК, што се одржа на 10 април, имало многу процедурални повреди...

Академијата за судии и јавни обвинители поднесе тужба пред Управен суд по одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата дека Академијата со конкурсот и тестирањето на кандидатите за судии и обвинители го прекршува законот во изборен период.
Од Академијата, посочуваат дека пред, и на самата јавна седница на ДКСК, што се одржа на 10 април, имало многу процедурални повреди, за што Академијата ќе бара судска заштита и ќе ги остварува своите права пред Управниот суд. Оттаму, исто така, изразија верување во институциите на системот и најавија дека ќе ја почитуваат одлуката на Управниот суд.
Државната комисија за спречување на корупцијата, на јавната седница со пет гласа го усвои приговорот поднесен од Гордана Силјановска – Давкова, претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик. Комисијата, согласно надлежностите, ќе преземе мерки и ќе иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи.
