Финансиска поддршка

Од утре стартува повикот за мерката 3 од новата ИПАРД 3 програма

12.04.2024 18:19

Земјоделците на располагање имаат 14 милиони евра за инвестиции…

Од утре стартува повикот за мерката 3 од новата ИПАРД 3 програма, ставајќи на располагање 14 милиони евра за инвестиции од оваа мерка, информираше денес министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Мерката 3, за која веќе од утре ќе биде распишан јавниот повик, се однесува на инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски производи. Финансиската поддршка, кај оваа мерка, се однесува на кофинасирање на инвестицијата до 50% од вкупно прифатливите трошоци. Поддршката по оваа мерка, може да достигне и до 60% кофинасирање, кај инвестиции во енергетска ефикасност, производство на биомаса и обновливи извори на енергија за сопствени потреби.

Минималната прифатлива вредност кај мерката 3 е инвестиција до 50.000 евра, додека максималната поддршка може да достигне до 1,5 милиони евра, по корисник.

Министерот Николовски ги повика сите заинтересирани апликанти, навремено да се информираат за повикот, преку веб- страната на министерството и да аплицираат, искористувајќи ја можноста која преку оваа мерка од ИПАРД програмата им се става на располагање.