Свет

САД предупредуваат од ирански напади врз Израел, Тел Авив тврди дека е подготвен за секое сценарио

12.04.2024 20:12

Очите на светската јавност вперени кон Блискиот Исток. САД предупредија – Иран може да го нападне Израел во следните 48 часа. Од Тел Авив велат дека се подготвени за какво било сценарио. Македонското МНР со апел да не се патува во Израел и регионот …

Вашингтон не сака конфликтот да ескалира на Блискиот Исток, но предупреди дека очекува одмазднички ирански напад во Израел. На вработените во тамошната амбасада им забрани да патуваат во Ерусалим и Тел Авив. Франција ги повика граѓаните да не патуваат на Блискиот Исток.

„Ние правиме сè што можеме за да се осигураме дека Израел може да се одбрани. Имавме разговори и со други во регионот. Никој не седи мирно. Тоа е сериозна закана“, изјави Џон Кирби, Совет за национална безбедност на САД.

Израел е подготвен за секое сценарио-вели одбраната.

„Нашите непријатели мислат дека можат да ги раздвојат Израел и САД, но тие не зближуваат и ги зајакнуваат врските. Сигурен сум дека светот денес разбира што е Иран – терористичко тело кое поттикнува напади низ Блискиот Исток, ги финансира Хамас, Хезболах и другите сили, а сега му се заканува на Израел“, нагласи Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Техеран тврди дека доколку имало осуда од Советот за безбедност за нападот во Дамаск кога загинаа ирански генерали, одговорот можел да се избегне. Меѓународната заедница повикува на смиреност.

„Сите дипломатски телефонски линии се вжештени за да се спречи регионална ескалација на Блискиот Исток. Никој не треба да долева масло на огнот. Сите играчи во регионот се повикани да се однесуваат одговорно и да покажат воздржаност“, рече Аналена Баербок, министер за надворешни работи на Германија.

Во Ерусалим протести. Демонстранти, пред Амбасадата на САД бараат ослободување на заложниците. Израелските власти тврдат дека Хамас го пролонгира одговорот на предлогот за прекин на огнот во Газа.

Маријана Димовска