Грчки медиуми: Владата на Груевски доби поддршка од Парламентот

20.06.2014 12:16

Дебатата и гласањето во Парламентот за доверба на новата влада на Никола Груевски траеја само неколку часаа, пишува Катимеринии...

Повеќето грчки медиуми, меѓу кои и Катимеринии и То Вимаа, информираат за гласањето доверба на новата македонска влада, засега без коментар, јави МИА од Атина.

Весниците пишуваат дека изгласаната доверба за Владата на Никола Груевски била очекувана, и информираат дека за новиот кабинет гласале 77 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, додека шест пратеници од опозициската Демократската партија на Албанците на Мендух Тачи гласале против.

Во Грција се потсетува дека членовите на опозициската коалиција, предводена од Социјалдемократскиот сојуз на Зоран Заев, не учествуваа во дебатата и гласањето во Парламентот, и дека не ги признаваат резултатите од парламентарните избори одржани на 27 април.

Дебатата и гласањето во Парламентот за доверба на новата влада на Никола Груевски траеја само неколку часаа, пишува Катимеринии.

Грчките медиуми информираат дека новата влада на Македонија има 22 министри од кои седум се без ресор и три потпретседатели. Тие нагласуваат дека во новата влада нема значајни промени во споредба со претходната, додавајќи дека Никола Попоски останува министер за надворешни работи, а на истата функција - министер за финансии е и Зоран Ставрески.

Грците уште издвојуваат и дека нов министер за одбрана е досегашниот македонски амбасадор во САД и претставник на земјата во преговорите за прашањето на името, Зоран Јолевски.