Тежок живот на цивилите со оштетен слух во Газа
Цивилите со оштетен слух во Газа соочени со огромни потешкотии. Вибрациите од експлозиите – единствени наговестувачи за она што следува. „Тешко е да откриеш што се случува кога не слушаш“-вели 34-годишната Еман која како и многумина била принудена да го напушти домот поради војната...

Цивилите со оштетен слух во Појасот Газа соочени со предизвици во време на продолжената војна меѓу Израел и Хамас. Тешко комуницираат со луѓе кои не го разбираат знаковен јазик. Се потпираат на чувството на вибрации во обид да откријат што се случува. Кога избувнал конфликтот 34-годишната Еман не можела да ги слушне експлозиите.
„Јас и мојот сопруг сме глуви. Експлозиите ги слушна мојот син. Дотрча до мене за да ми каже. Погледнав низ прозорецот и видов чад“, изјави Еман Муштаха, глува жена од Газа.
Додека насилството се приближувало до неа, информациите ги добивала од нејзиниот брат. Таа како и многумина, била принудена да го напушти домот.
„Додека спиев навечер, ништо не слушав. Брат ми ме разбуди и ми кажа дека имало силен бомбашки напад. Ми помогна да заминам на побезбедно место“, вели Еман Муштаха.
Со својот 6-годишен син се движела пеш од едно до друго место, во обид да најде засолниште. Во Деир ал-Балах се приклучила на невладина организација која им помага на луѓето со оштетен слух. Сега работи во кујна и помага колку што може.
„Кујната беше идеја преку која можеме да обезбедиме помош со топли оброци за лицата со попреченост на кои им е тешко да ги обезбедат во вакви вонредни ситуации, особено лицата со пречки во слухот“, вели Фатен Тарвах, работник во организација за глуви деца.
Еман е среќна што е дел од организацијата која се обидува да и помогне на заедницата со храна, во време кога ООН предупредуваат за се поголемиот глад со кој е соочено населението на северот од Газа.
Бојана Крстевски
