Климатски Промени

Шумски пожари им се закануваат на сите континенти

13.04.2024 13:07

Изминатата година во ЕУ, изгореа над 504 илјади хектари површина. Пламените јазици биле најинтензивни во текот на летото. Се погласни апелите за намалување на влијанијата на климатските промени. Обединетите нации предупредуваат, на човештвото му преостануваат уште две години да го спаси светот...

Шумски пожари од големи размери се закануваат речиси на сите континенти. Не се поштедени ниту Европа, САД, Австралија, Канада и Русија. Од програмата за заштита на Амазон, белите дробови на светот, истакнато дека климатските промени придонесуваат за зачестени шумски пожари, кои зафаќаат и области кои во минатото не се сметаа за региони подложни на огнени стихии.

„Денеска имаме луѓе кои не веруваат дека уништувањето на шумите е штетно за планетата земја. Има и луѓе кои не сфаќаат сериозно што значи одржување на шумите и квалитетот на животот. Од оваа огромна куќа, која е нашата планета немаме каде да бегаме“, изјави Луис Инасио Лула Да Силва, претседател на Бразил.

Поради тешкото справување со пламените јазици, Гватемала неделава донесе декларација за природна катастрофа.

„Советот на министри реши да донесе одлука за катастрофалната состојба на националната територија врз основа на мониторингот на пожарите. Важно е да се истакне дека моменталната ситуација не е случајна, 80% од пожарите се намерно предизвикани“, изјави Бернардо Аревало, претседател на Гватемала.

Во ЕУ, изминатата година изгореа над 504 илјади хектари површина. Пламените јазици беа најинтензивни во текот на летото и претежно го зафатија медитеранот. Европската комисијата објави препораки за градење отпорност и ефикасно управување со климатските ризици. Земјите-членки мора да ги заштитат граѓаните од последиците на климатските промени, пресуди највисокиот европски суд за човекови права изминатата недела по тужби од активисти и здруженија на граѓани.

„Судот го призна нашето основно право на здрава клима. Мора да се преземат амбициозни мерки за заштита на нашето здравје и заштита на иднината на сите“, изјави Ен Марер, од швајцарски членови на сениор жени за заштита на климата.

„Нашите влади во Европа мора веднаш да постапат по оваа пресуда“, изјави Катарина Мота, португалски климатски активист.

„Судот призна дека климатската криза претставува егзистенцијална закана за луѓето од сите возрасти“, изјави Гери Листон, виш адвокат глобална акциона мрежа.

Од ООН велат дека на човештвото му преостануваат уште две години да го спаси светот потребни се драматични промени во емитувањето гасови кои предизвикуваат ефект на стаклена градина.

 

Маријана Димовска