Здравство

Алергиите кај децата во подем

13.04.2024 12:56

Зачестеноста на алергиските реакции и болести е во пораст, особено кај урбаната популација. Пролетта носи нови неволји особено кај децата. Докторите велат зголемената концентрација на полен е една од причините...

Алергиите кај децата се во подем. Едни поминуваат со затнат нос, вцрвенети очи и грло, но кај други има и потешкотии со дишењето и астма. 15 деца со симптоми на алергиски реакции се лекуваат на Детската клиника, а зголемен е бројот на амбулантски прегледи. Лекарите велат – една од причините е зголемената концентрација на поленот во воздухот поради наглото затоплување во овој период, но и аерозагадувањето.

„Се она што вдишуваме, што јадеме и пиеме е главна причина за зголемување на бројот на алергични во светски рамки, тоа не е само кај нас. Лекувањето првично е амбулантски, но во овој период, пролетниот период зголемен е бројот на деца кои имаат потреба од хоспитално лекување, повторувачки ларингитис, повторувачки бронхоопстукции, односно егзацербации на астматската болест“, изјави д-р Валентина Цвејоска Чолаковска, директор на Детската клиника.

Алергиите, автоимуните и малигните заболувања се болести на 21 век, сите го напаѓаат имунитетот – вели директорката на Детската клиника.

Алергиите добиваат епидемиски размери. Истражувањата покажуваат дека околу 25 проценти од светската популација страда од некоја алергиска болест.

 

Андријана Ѓурческа