Избори 2024

Ванковска ја претстави програмата пред охриѓани

13.04.2024 16:31

На државата и е потребен нов Устав кој ќе се донесе во консултација со граѓаните при што ќе ги прашаме дали сакаат ваков трибалистичи, етнонационалистички устав кој не дели или сакаме да бидеме држава во дваесет и првиот век. Ова на средбата со охриѓани го рече претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска при што порача дека Охрид иако под заштита на УНЕСКО станал град на дивоградби, а Охридското Езеро е загрозено од еколошки аспект …

Мојата агенда предвидува нов Устав, односно иницијатива за донесување на апсолутно нов Устав кој би го донеле ако не во 2024-тата, бидејќи самиот процес бара време до 2025-тата или во рамки на мојот мандат. Ова на средбата со охриѓани го рече кандидатката за претседател од левица Билјана Ванковска, посочувајќи дека ќе понудат наместо етнонационалистички модерен Устав. Таа од Охрид порача дека нема да дозволи внесување на Бугарите во Уставот.

„Знаеме бугарската јавност, историографијата Охрид го смета дури за колевка на бугарштината. Од овде јас порачувам дека како евентуално иден претседател никогаш нема да дозволам внесување на Бугарите во Уставот, затоа што во план имам фактички нов Устав, меѓутоа морам да порачам дека сите оние бајки за одложено дејство на уставни промени се само замка во која ќе влеземе исто како во Преспанскиот договор. И знаете еден медицински израз на одложено дејство е ретард, тоа го знаеме сите ние кои консумираме лекови со продолжено, одложено дејство, зборот е ретард и нека знаат што зборуваат“, изјави Билјана Ванковска-кандидат за претседател од Левица.

Ванковска рече дека Охрид градот на УНЕСКО станува град на дивоградби, град на неказнивост и локални шерифи кои во меѓукоалициски договори избегнуваат да го почитуваат законот.

 

Сашо Нелоски