Избори 2024

Продолжува кампањата за претседателски избори, кандидатите на терен

14.04.2024 09:07

Ветувања, изборни адути во трката по гласот на средби со граѓани, прес-конференции. Се заострува наративот од говорницата на митинзите со препукувања меѓу опонентите, со поплаки и обвинувања за притисоци, но и деманти на ставовите од кандидатите изнесени во јавноста...

Продолжува претседателската кампања. Ветувања, изборни адути во трката по гласот на средби со граѓани, прес-конференции. Се заострува наративот од говорницата на митинзите со препукувања меѓу опонентите, со поплаки и обвинувања за притисоци, но и деманти на ставовите од кандидатите изнесени во јавноста.

Единаесеттиот ден од кампањата, на агендата на кандидатот за претседател на коалицијата предводена од СДСМ Стево Пендаровски средби со граѓаните во општина Старо Нагоричане, Кратово и Ранковце. Митинг ќе одржи во Крива Паланка и во Куманово.

Кандидатската за претседателската функција поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова под слоганот „Македонија повторно горда“ ќе ја презентира програмата пред граѓаните во скопските општини Петровец, Центар и Кисела Вода.

Претендентот за шеф на државата од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски ќе ја бара довербата од граѓаните во Скопје, ќе има средби во градскиот парк.

Билјана Ванковска – кандидатката од Левица за највисока државничка функција на средби со жителите во Аеродром и Ново Лисиче, а митинг ќе има во Кавадарци.

Со карванот активности продолжува и кандидатот за шеф на државата Стевче Јакимовски. Денеска е во прилепскиот крај.

Кандидатот на Европскиот фронт, Бујар Османи ќе претстави делови од „Зелената агенда“ во Долнени и Крушево.