туризам

Охридското езеро магнет за балканските нуркачи

14.04.2024 11:09

Хрватските нуркачи се воодушевени од Охридското езеро за кое велат дека е македонско море. Оваа убавина што ја видовме треба да ја чувате и негувате посочуваат тие, бидејќи е уникатна, но и да работите повеќе во однос на нејзината промоција за да им дадете до знаење на луѓето во светот дека поседувате нешто вредно кое го нема на ниту едно место во светот. Напуштајќи го Охрид ветија дека ќе бидат наши амбасадори во нивната земја со цел во Охрид да доаѓаат повеќе нуркачи од Хрватска …

Фасцинирани сме и воодушевени од недопрената природа. Ова нешто треба да се доживее, да се види, бидејќи ова не е само македонски, туку и европски бисер. Вакви беа впечатоците на хрватските нуркачи, но и неколку од другите земји од регионот по неколкудневниот престој во Охрид што го искористија за нуркање на неколку локации.

„Тоа треба да се доживее. Мислам дека не постои дека не постојат зборови со кои може да се опише. Треба едноставно да се влезе, да се нурне и да се ужива“, изјави Маринко Чалмиќ-нуркач од Хрватска.

„Воодушевени сме од дочекот, воодушевени сме од македонското море, од музиката, гостопримството …“, изјави Дражен Иванковиќ-нуркач од Хрватска.

Прекрасна беше глетката на едно место да се видат 40-тина нуркачи од странство и земјава кои овде допатуваа на покана на Еколошко-нуркачкиот клуб „Пена“ од Тетово.

„Тие не веруваат дека ова постои на земјината топка. Дека оваа убавина, езерово 4 милиони години старо, чисто, проѕирно, има многу локации за нуркање“, изјави Дарко Јовановски-претседател на Еколошко нуркачки клуб „Пена“ Тетово.

Хрватските нуркачи ветија дека повторно ќе дојдат во Охрид за уживаат во уникатната убавина на Охридско Езеро“.

 

Сашо Нелоски