Реакции по нападот на Иран врз Израел
Иран го нападна Израел со стотици дронови и ракети, ја прогласи операцијата за успешна и завршена. Нетанјаху тврди дека моќната „железна купола“ ги уништила иранските беспилотни летала. Тел Авив тврди дека кампањата не е завршена. Светските лидери со апел за воздржаност од натамошна тензија на Блискиот Исток …

Навидум мирно неделно утро во Ерусалим. Угостителските објекти работат, транспортниот систем во функција, а израелскиот воздушен простор повторно е отворен. Животот во Израел се враќа во нормала, откако вчеравечер сирените за тревога постојано се огласуваа додека на небото се пресретнуваа стотици беспилотни летала од Иран. Израелците задоволни од синоќешниот исход, но и исплашени од како што велат – сценаријата за трета светска војна.
„Мислам дека победивме. Иранците ги научивме на важна лекција, а на остатокот од светот му покажавме дека Израел никогаш нема да се предаде без голема борба“.
„Состојбата е како пред почеток на некоја голема светска војна, работите навистина ескалираат и може да се влошат. И тоа навистина ме плаши“.
Израелските власти ја поздравија, како што велат, успешната противвоздушна одбрана од иранскиот напад и информираа дека успешно пресретнале 99 отсто од околу 300 ирански беспилотни летала насочени кон израелска територија.
„Најголемиот дел од проектилите беа пресретнати надвор од границите на Израел, со помош на нашиот систем за воздушна одбрана. Одреден број на проектили падна и на наша територија. Во моментов имаме информации за едно повредено девојче“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.
Иранските власти, кои нападот го извршија во знак на одмазда за нападот врз иранскиот конзулат во Дамаск, велат дека тој минал и подобро од очекуваното. Му се заканија на Вашингтон со напади врз американски бази, доколку ја поддржат евентуалната одмазда на Израел по синоќешните настани.
„Од наша гледна точка, операцијата е завршена и немаме намера да ја продолжуваме. Но доколку ционистичкиот режим преземе било каква акција против исламската држава, на наша територија или на територии кои ни припаѓаат во Сирија и насекаде, нашата следна операција ќе биде многу поголема“, изјави Мохамед Багхери – ирански генерал.
А за време на нападите, владините приврзаници на власта во техеран прославуваа на улиците. Реакциите на светските лидери пак се поделени, дел отворено го осудуваат техеран, други пак повикуваат на итен прекин на огнот во Газа, но речиси сите повикуваат на воздржаност со цел тензијата на Блискиот Исток да не ескалира дополнително.
Марија Котовска
