Пендаровски: Како и досега ќе бидам претседател за сите
Кандидатот за претседател на државата од СДСМ, Стево Пендаровски ја побара поддршката од кумановци. Потенцираше дека минатите години направиле многу за државата, отворени се преговорите со ЕУ, влеговме во НАТО, стабилни се меѓуетничките односи. Рече дека како и досега ќе биде претседател на сите граѓани...

„Го решивме спорот со Грција, по 25 години преговори и станавме членка на НАТО. Тоа значи конечна „тапија“ за нашата независност, границите, суверенитетот“, истакна пред кумановци, кандидатот за претседател од СДСМ.
Пендаровски нагласи дека по безмалку две децении отворени се преговорите со ЕУ. Тој потенцираше дека никого не дискриминирал, по ниту една основа во досегашниот мандат. Ја побара довербата, нагласувајќи дека ќе остане претседател за сите граѓани.
„Тие две стратешки цели кои 91-ва првите политичари кои ја правеа македонската држава ги зацртаа како битни се навистина столбот на кој ние можеме да се развиваме и за кус период да станеме просечно развиена европска демократска држава. Безбедност, врз таа основа ако не си безбеден нема развој и со таа безбедност со помош на европските држави економски развој. Два пати поголем од оние стапки коишто ги имавме досега бидејќи тоа ни е неопходно да го фатиме чекорот и возот кој оди се повеќе и повеќе гледате што се случува во светот“, истакна Пендаровски пред кумановци.
Зборувајќи за меѓуетничките односи рече дека целосно се стабилизирани. Пендаровски нагласи дека внесувањето на Бугарите во Уставот е услов за да се продолжи понатаму.
Елена Георгиевска
