Хондурас-Еквадор
Хондурас и Еквадор доаѓаат од поднебје во кое фудбалот има посебно место, се доживува исклучително емотивно, повод е за изливи на страсти дури и со трагични реперкусии...

На стартот од светското првенство ја загубија битката против Европјаните и станаа „маргиналци“ во Е групата. Хондурас и Еквадор вечерва влегуваат во меѓусебниот дуел за да ја сменат оваа слика. Пропуштеното тешко е да се надомести. Особено за Хондурас кој речиси без борба, по исклучувањето на еден од своите клучни играчи Паласиос, сопствената судбина ја стави во рацете на Французите. Еквадор мина низ фудбалски хорор против Швајцарија. Долго го чуваше искованото водство од 1:0,дури и нерешените 1:1 се до судиското надополнување беа добра резултатска опција... за во хичкоковската завршница Еквадор да го прими тој поразителен удар, откако само миг пред тоа не успеа да го зададе победничкиот.
Хондурас и Еквадор доаѓаат од поднебје во кое фудбалот има посебно место, се доживува исклучително емотивно, повод е за изливи на страсти дури и со трагични реперкусии. Пред 3 децении на пример, фудбалот беше непосреден повод за вооружен судир, за војна меѓу Хондурас и Салвадор.Во поново време, пет години беа заострени односите меѓу Хондурас и Еквадор предизвикани на фудбалскиот терен, кои доведоа дури и до мал дипломатски инцидент. Од март годинаава недоразбирањата се надминати, а воспалените фудбаломани се во трескавично очекување на првиот нивен меѓусебен дуел на големите светски натпреварувања. Досега Хондурас и Еквадор одиграле 13 мечеви, сите од пријателски карактер, од кои дури 8 завршиле нерешено.Така беше и во ноември минатата година на неутрален терен во Хјустон.Резултатот беше 2:2, Еквадор во последните пет минути спасувал „жива глава“! Во тој момент никој не можеше да претпостави дека еден месец подоцна жрепката ќе ги соочи овие два тима на „Арена ди Баиксада“ во Куритиба.
Хондурас втор пат е на Мундијалите по 1982-та кога направи резултатска сензација со нерешените 1:1 против фаворизираниот домаќин Шпанија,потоа со истиот исход против Северна Ирска, за поразот од Југославија со 1:0 да ги урне надежите на Латиноамериканците за пат во високото фудбалско друштво.Еквадор ја вкуси привлечноста на мундијалската нокаут-фаза во 2006-та во Германија, во кој се испречи Англија со победничкиот гол на Бекам.
Деликатен е моментот во кој се Хондурас и Еквадор, а сето тоа е најава за бескомпромисната пресметка на составите со слични фудбалски сфаќања, во обид улогата на „маргиналци“ во групата да ја заменат со кандидатски статус за влез во 1/8 финалето.
