МЗ: Се осовременува календарот за имунизација со деветвалентна вакцина против ХПВ
Демири потенцираше дека покрај преминувањето од четиривалентна на деветвалентна, ХПВ вакцината ќе биде достапна и за момчињата...

Министерот за здравство, д-р Илир Демири, заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева, националната координаторка за имунизација, проф. д-р Александра Грозданова, специјалната претставничка на СЗО во земјава, Ане Јохансен, претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција Ди Џовани и претставникот од УНФПА, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за осовременување на календарот за имунизација со деветвалентна вакцина против ХПВ.
Демири потенцираше дека покрај преминувањето од четиривалентна на деветвалентна, ХПВ вакцината ќе биде достапна и за момчињата.
„Со ова, го следиме примерот на високоразвиените европските здравствени системи и обезбедуваме поголема заштита на младата популација од ХПВ вирусите. Деветвалентната ХПВ вакцина е од светски реномиран производител, МСД од Холандија и ги исполнува највисоките критериуми за квалитет, безбедност и ефикасност – ХПВ вакцината обезбедува долготрајна повеќегодишна заштита. Оваа вакцина штити од инфекции предизвикани од хуман папилома вирус и од развој на преканцерозни лезии“, рече Демири.
Грозданова истакна дека целта за вакцинирање на момчињата е двојна и дека со тоа се спречува момчињата да бидат трансмитери, односно да ја пренесуваат ХПВ инфекцијата, но и самите да бидат заштитени бидејќи и кај нив се развиваат ХПВ асоцирани болести.
Деветвалентните ХПВ вакцини ќе бидат достапни од следниот месец во сите вакцинални пунктови во државата.
Се проценува дека ХПВ-вакцината може да спречи 70% од случаите на цервикален карцином, 80% од анален карцином, 60% од вагинален карцином, 40% од вулварен карцином, и покажуваат повеќе од 90% успешност во спречувањето на ХПВ-позитивните орофарингеални карциноми. Во однос на заштитата веќе се достапни податоци за потврдена ефикасност од повеќе од 10 години на оваа деветвалентма вакцина.
