Уапсени 17 припадници на затворската полиција
Уапсени 17 затворски полицајци од КПУ „Идризово“. Дел од нив се сомничат за поврзаност со организирање бегство на осуденик …

Излегле од болницата за да испушат цигара и наместо да го чуваат затвореникот осуден за убиство, го пуштиле да избега. Шестмина полицајци од „Идризово“ завршија во притвор затоа што лани во октомври го оставиле затвореникот без надзор, а кога виделе дека избегал не им кажале на старешините. За бегството молчеле и колегите од втората смена кои сами седеле во болнички апартман додека не дошле интервентните полицајци на МВР.
Затвореникот бил пронајден и уапсен. Обвинителството отвори предистрага за уште 11-мина кои се сомничат дека и во деновите претходно, во болницата наместо да го чуваат го пуштале затвореникот да си оди дома, а тој се враќал по неколку часа. Истиот затвореник се најде и во полицискиот билтен. Неговиот татко пријавил дека се подготвува напад на неговиот син, а неколку минути по пријавата во штипскиот затвор избила тепачка меѓу две групи затвореници. Во инцидентот настрадал еден вработен.
Анита Димитријевска – Велковска
