Спасов: Продолжува подршката на СОС Детско село

20.06.2014 13:53

Спасов во оваа прилика го најави проектот за зголемување на бројот на згрижувачките семејства во Република Македонија како и започнување на Кампања „На секое дете му е потребно семејство“...

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов присуствуваше на одбележувањето на Денот на СОС детските села при што му беше врачено признание за досегашната поддршка за СОС Детско село Македонија.

Заблагодарувајќи се за добиеното признание, министерот Спасов рече дека тоа е потврда за заложбите што ги спроведува Министерството за труд и социјална политика во однос на децата  без родители и родителска грижа.

„Во последниве неколку години во Република Македонија интензивно се работи на развивање на формата сместување во згрижувачко семејство како вонинституционална форма на заштита која се применува долг период на нашите простори“, рече министерот Спасов.

Тој истакна дека Министерството за труд и социјална политика и приватната установа „СОС Детско село“ во 2013 година потпишале меморандум за соработка со кој дополнително ја зацврстиле соработката.

Спасов во оваа прилика го најави проектот за зголемување на бројот на згрижувачките семејства во Република Македонија како и започнување на Кампања „На секое дете му е потребно семејство“.