Блиски Исток

Израел најави одговор на иранскиот напад

16.04.2024 09:27

Ескалира состојбата на Блискиот Исток. Додека меѓународната заедница повикува на воздржаност, Израел најавува одговор за иранските напади врз земјата. Јеменските Хути истрелаа десетици проектили кон израелската територија. Во Брисел денеска вонреден совет за надворешни работи на Европската унија, посветен на состојбата на Блискиот Исток...

Тел Авив предупреди дека Иран ќе се соочи со последиците за своите постапки по нападот врз Израел. Одговор ќе следува, но формата останува нејасна. Воениот кабинет не објави јавно детали за донесената одлука.

„Внимателно ја проценуваме ситуацијата. Иран ќе се соочи со последиците за своите постапки. Соодветно ќе го избереме нашиот одговор. Остануваме подготвена да се спротивставиме на секоја закана“, изјави Херзи Халеви, шеф на генералштабот на Израел.

„Ние сме во војна на неколку фронтови. Ќе направиме сè што е потребно за да ја заштитиме нашата земја и ќе го направиме тоа во времето и распоредот што ќе го избереме“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската војска.

САД повикаа на деескалација. Велат дека координираат дипломатски одговор за да спречат регионална војна, но и дека остануваат посветени на безбедноста на своите сојузници.

„САД ќе продолжат да ги преземаат сите неопходни активности за одбрана на Израел и американскиот персонал. Кога станува збор за израелскиот одговор, нема да зборувам во нивно име. Тоа е одлука што тие треба да ја донесат. Ние јасно кажуваме дека не бараме поширока регионална војна“, изјави генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.

Додека ООН и меѓународната заедница го осудија иранскиот напад, Кина смета дека правото на Техеран да се брани е легитимно. Министрите за надворешни работи на ЕУ на вонреден состанок за ситуацијата на Блискиот Исток. Поради иранскиот напад, Израел ја одложи копнената офанзива во Рафах.

 

Бојана Крстевски