Здравство

Втор ден штрајк на приватните специјализанти

16.04.2024 12:23

Властите за време на изборна кампања се ограничени за носење на одлуки за зголемување на плати и нови вработувања. Приватните специјализанти бараат да се реши нивниот статус. Денеска продолжија со генералниот штрајк, што почна од вчера...

Приватните специјализанти од Клиничкиот центар го продолжија штрајкот. Не отидоа на работа, од одлука на Владата ќе зависат нивните натамошни чекори. Повисоки плати и регулирање на работниот однос се барањата кои подолг период ги упатуваат до здравствените власти. Овој пат, без писмена гаранција за нивна реализација, нема да отстапат. Демантираа дека има политичка заднина.

„Срамно е еден доктор да нема здравствено осигурување и нема ниту една политичка партија која треба да не мотивира за да ги бараме основните човекови права, кои ни се загарантирани со Устав. Јас немам книшка од ниту една партија, единствената книшка што јас ја имам дома е крводарителската на која пишува нулта позитив“, изјави Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.

Поддршка добија од граѓаните, кои велат, на клиниките има недостиг од кадар, со часови се чека за преглед и за терапија.

„На Онкологија е ужас кој не може да се поднесе. Луѓето чекаат со саати за да дојдат до хемотерапија, а дополнително што влегуваат преку ред. Дајте нека ги примат овие луѓе, зошто да стојат тука, зошто да бидат невработени, да не им тече стаж како на сите луѓе. Да се направи нешто за овие млади луѓе да ни останат тука“, вели граѓанин.

Специјализантите на клиниките дежураат, работат во амбуланта, асистираат на операции без здравствено осигурување, за плата од 26 илјади денари. Според податоците на Македонското лекарско друштво, секоја година земјава ја напуштаат од 200 до 250 лекари.

 

Андријана Ѓурческа