Воен конфликт

Нормализиран живот во Израел, нашинците се надеваат на подобро

16.04.2024 13:02

Во моментов на Блискиот Исток се наоѓаат 50-тина македонски државјани. Од МНР информираа дека од нив, засега само еден македонски државјанин побарал евакуација од Израел. За тоа како се чувствуваат нашинците, МТВ контактираше некои од нив…

Засега мирно небо и нормализиран живот во Израел, после нападите од Иран. Но, стравот е сепак присутен затоа што ситуацијата е сложена. Се војува со Хамас, се протестира за заложниците и згора на сè, пред два дена паднаа стотици ирански дронови и ракети.

За тоа како се чувствуваат нашинците, МТВ контактираше некои од нив, меѓу кои Ирена која е мажена за Израелец и со него си добиле детенце. Живеат во Хадера, 40 километри северно од Тел Авив и вели-остануваме бидејќи се надеваме дека работите ќе одат кон подобро.

Ситуацијата се следи

„Не сме слушнале сирени уште од почетокот на војната, но ја следиме ситуацијата и се однесуваме според инструкциите на националниот фронт. Колку Македонци живеат во Израел моментално, немам некоја прецизна бројка, меѓутоа најверојатно се чувствуваат безбедно. Во овој дел сè функционира како и во нормални услови, но дента после нападот од Иран, како мерка за претпазливост беа затворени градинките и училиштата. Сè се врати во нормала за помалку од 24 часа“, вели Ирена Стоилова за МТВ.

Поголем број нашинци го напуштиле Израел уште во октомври

Последниот Македонец кој го напушти Израел денеска е Гоце Стојановски, кој беше на магистерски студии таму под покровителство на израелската влада. Информациите кои ги добивме се дека поголемиот дел нашинци го напуштиле Израел уште во октомври минатата година. 40-50 лица, наши сонародници се повеќето во брак со државјани на Израел.

Сепак, останува повикот на Министерството за надворешни работи до граѓаните на Северна Македонија кои во моментов се наоѓаат во Израел да ги почитуваат упатствата на безбедносните власти.

Фиљана Кока