Уметничкиот центар АРТ ХАБ

„Временски сензации“ – изложба на скулптури од керамика на Боро Новаковски

16.04.2024 13:40

На изложбата ќе бидат презентирани ретките сочувани дела на Боро Новаковски-Новак, чијашто кариера како керамичар започнува во средината на 50-тите години...

Скулптури од керамика на Боро Новаковски-Новак ќе бидат изложени во Уметничкиот центар АРТ ХАБ во Скопје, ГТЦ, II кат. Изложбата ќе се отвори на 18-ти април, со почеток во 20 часот.

На изложбата ќе бидат презентирани ретките сочувани дела на Боро Новаковски-Новак, чијашто кариера како керамичар започнува во средината на 50-тите години. Неговите првични обиди за изработка на керамички скулптури биле скромни, обидувајќи се да додаде украси и бои на грнчарски производи. Сепак, набрзо го менува овој приод, фокусирајќи се на изучување на керамичарскиот занает и создавањето на сопствени уникатни скулптури.

Делата на Боро се одликуваат со нежни линии и хармонични облици, отсликувајќи го неговиот интимен и личен пристап кон керамиката. Тие се трајни сведоци за неговата страст и посветеност на керамичарската уметност. Оваа изложба нуди уникатен поглед во неговиот свет, каде што секоја скулптура раскажува своја приказна, проткаена со историја, уметност и емотивна длабочина.

За сите љубители на уметноста изложбата ќе трае до 18-ти мај.