Кампањата е во полн ек, што е поубедливо за граѓаните?
Кампањата за претседателските избори е во полн ек, а за два дена стартува и за парламентарните избори. Но, што е повпечатливо и повеќе убедливо за македонските граѓани-дали митинзите кои ги држат политичките партии или поефективна е кампањата „од врата до врата“?

Како се приближуваат изборите, ѕвончињата во домовите на граѓаните сè почесто ѕвонат. Партиските активисти ги посетуваат со цел да им ја презентираат и да ги убедат во нивната изборна програма.
Колку им значи на граѓаните да ги посетат дома политичките активисти и кандидати и лично да ги запознаат со програмата, дознаваме од оние со кои поразговаравме.
„Никако не можат да ме убедат да гласам, ниту на врата, ниту на телефон, ниту па дома да ми дојдат. Мое право е, не сакам да гласам.“
„Мислам дека оставаат некаков материјал во сандачиња.“
„Кога ќе ми дојдат дома, не знам како да ви кажам… недолично ми е тоа и не сакам така“-велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Непосредната комуникација носи позитивни поени
Непосредната комуникација, запознавањето со гласачите може да им донесе позитивни поени на кандидатите. Во време на социјални мрежи, можат да влијаат на повозрасната категорија граѓани-вели аналитичарот Муслиу.
„Граѓаните имаат можност побрзо да се запознаат со кандидатите и со нивните ставови, но концептот од врата до врата овозможува интеракција. Верувам дека во зависност од категоријата на граѓаните, може да го постигне својот ефект“, вели аналитичарот Алберт Муслиу.
Информации за реалното расположение на граѓаните
Активистите треба да бидат авторитетни, а не конфликтни, бидејќи така можат да ѝ наштетат на партијата и негативно да влијаат на исходот на изборите. Одењето од врата до врата освен агитација и придобивање на гласачите има уште еден бенефит, а тоа е собирање информации за реалното расположение на граѓаните – вели аналитичарот Илиев.
„Користењето на овој метод носи потенцијал да се придобијат значителен број од гласачите. Меѓутоа за да се постигне таа цел, постојат два предизвика. Едниот предизвик е големиот број на луѓе потребни за таква активност, а вториот е дека тие луѓе треба да бидат обучени за ефективна комуникација и да бидат луѓе со авторитет“, изјави аналитичарот Александар Илиев.
Концептот „Од врата до врата“ потекнува од англосаксонските земји, но не со кафе и слатко – додаваат. Во нашата земја се применува од осамостојувањето, со развојот на демократијата.
Александра Велинова
