Израел

Израел побара нови санкции против Иран

16.04.2024 14:57

Продолжуваат меѓусебните закани за напади меѓу Тел Авив и Техеран. Светот стравува од разгорување на конфликтот на Блискиот Исток и повикува на воздржаност. Поради иранскиот напад, Израел ја одложи копнената офанзива во Рафах...

Иран ќе се соочи со последици за своите постапки. Соодветно ќе го избереме нашиот одговор и ќе се спротивставиме на секоја закана, тврди израелската одбрана. Тел Авив побара нови санкции против Иран. Од Меѓународната агенција за атомска енергија се загрижени дека таргет би можеле да бидат ирански нуклеарни објекти.

„Иран стои зад Хамас, зад Хезболах, зад другите, но ние сме решени да победиме и да се браниме во сите арени“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Од иранското МНР велат дека одмаздата против секој можен потег на Израел ќе дојде за неколку секунди, а не за часови.

„Ако, од која било причина, ционистичкиот режим направи најмал злонамерен потег против нашата татковина, нашите поединци или нашите интереси, тој дефинитивно ќе се соочи со решителен и тежок одговор“, изјави Али Багери Кани, заменик-министер за надворешни работи на Иран.

Светските лидери го повикуваат Израел да не се одмаздува за нападот од Иран. Министрите за надворешни на ЕУ на вонреден состанок за ситуацијата на Блискиот Исток.

„САД ќе продолжат да ги преземаат сите неопходни активности за одбрана на Израел и американскиот персонал. Кога станува збор за израелскиот одговор, нема да зборувам во нивно име. Ние јасно кажуваме дека не бараме поширока регионална војна“, изјави генерал-мајор Пет Рајдер, портпарол на Пентагон.

Поради иранскиот напад, Израел ја одложи копнената офанзива во Рафах. Од Белата куќа велат дека хуманитарната помош во Појасот Газа е значително зголемена, но истата мора да се одржи.

 

Маријана Димовска