Продолжуваат обидите на САД за деескалација на тензиите на Блискиот Исток
Израел разработува план за евентуално возвраќање на иранскиот напад, Техеран со предупредување. Светот бара деескалација на тензиите и мирување на оружјето.

Продолжуваат обидите на САД за деескалација на тензиите на Блискиот Исток. Од Вашингтон велат дека нема да се двоумат да воведат санкции врз Иран. Иста реторика и од ЕУ. Блискиот Исток една од темите и на специјалното заседание на Европскиот совет, денеска и утре во Брисел.
„Продолжуваме да се обидуваме да го деескалираме конфликтот. Сè додека продолжува војната во Газа, ние нема да се вратиме на местото каде што бевме пред 7 октомври. Тоа е тековен процес во обид да се намалат тензиите во регионот и да се обидеме да го одржиме како што е“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Светските лидери го повикаа Израел да не возвраќа откако Иран лансираше стотици беспилотни летала и проектили кон негова територија.
„Веќе сме во нестабилен регион. Хуманитарната катастрофа во Газа го разгорува регионот. Не ни треба повеќе конфликт, не ни треба конфронтација. Деескалацијата мора да биде приоритет на сите. Кога има разлики, тие треба да се решаваат со дијалог, а не со употреба на сила“, изјави принц Фајсал Бин Фархан, министер за надворешни работи на Саудиска Арабија.
Од одбраната на Израел велат дека Иран нема способност да ја одврати израелската војска. Тел Авив веќе ја стопираше планираната офанзива во Рафах. Нападите во Газа продолжуваат, но и размената на оган со либански Хезболах.
„Иран нема да може да спроведе поинаква равенка на одвраќање против државата Израел. Авионите на израелските воздухопловни сили оперираат насекаде, небото на Блискиот Исток е отворено, секој непријател што ќе се бори против нас – ќе знаеме да го погодиме каде и да е“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Вашингтон со став, подготвени се да го прифатат барањето за нацрт-резолуцијата поднесена од Палестинската управа за целосно интегрирање во структурите на ООН, со што би се решил израелско-палестинскиот конфликт.
Маријана Димовска
