Грција

Започна генералниот штрајк во Грција, транспортот парализиран

17.04.2024 11:14

Бродовите се закотвени во грчките пристаништа, а железничките услуги се стопирани, возачите се приклучија на 24-часовниот штрајк на најголемиот синдикат на грчкиот приватен сектор...

Возачите се приклучија на 24-часовниот штрајк на најголемиот синдикат на грчкиот приватен сектор, ГСЕЕ, кој вели дека платите на транспортните работници сè уште заостануваат зад оние на нивните европски колеги. Грција овој месец ја зголеми месечната минимална бруто-плата за 6,4 отсто на 830 евра, што е четврто такво зголемување во последните пет години, додека земјата закрепнува од децениската финансиска криза.

Бродовите се закотвени во грчките пристаништа, а железничките услуги се стопирани денеска бидејќи транспортните работници штрајкуваат и бараат повисоки плати за да се справат со зголемените животни трошоци. Дури и автобусите и таксистите денеска не работат, па многу патишта во центарот на Атина се пренатрупани бидејќи жителите сами се возат на работа.

Конзервативната влада на премиерот Киријакос Мицотакис, која победи на реизборот минатиот јуни, вети дека ќе ја зголеми месечната минимална плата на 950 евра до 2027 година, кога завршува нејзиниот мандат, и дека ќе ја зголеми просечната плата за повеќе од 25 отсто, на 1.500 евра, до истиот рок.