Расте притисокот врз Тел Авив да не одговара на нападот од Иран
Меѓународната заедница прави напори да ја деескалира кризата на Блискиот Исток. Расте притисокот врз Тел Авив да не одговара на нападот од Иран. Но, сè уште, ниту една опција не се отфрла. САД и ЕУ разгледуваат воведување санкции кон Техеран...

Остри тонови од Техеран. Операцијата „Вистинско ветување“ беше ограничен потег, а не сеопфатен. Иранскиот претседател предупреди дека најмалата инвазија од Израел ќе донесе силен одговор.
„Доколку ционистичкиот режим изврши најмала инвазија против нашата татковина или нашите интереси, Израелците мора да бидат сигурни дека ќе се соочат со многу масовен и остар одговор“, изјави Ебрахим Раиси, претседател на Иран.
Од одбраната на Израел велат дека Иран нема способност да ја одврати израелската војска. Нападите во Газа продолжуваат, но стопирана е офанзивата во Рафах. Изминатото деноноќие погодени над 40 цели во енклавата. Не мирува ниту размената на оган со либански Хезболах.
„Иран нема да може да спроведе поинаква равенка на одвраќање против државата Израел. Авионите на израелските воздухопловни сили оперираат насекаде, небото на Блискиот Исток е отворено, секој непријател што ќе се бори против нас – ќе знаеме да го погодиме каде и да е“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
САД и Европската Унија најавија нови санкции за Иран по нападот врз Израел викендов. Блискиот Исток една од темите и на специјалното заседание на Европскиот совет, денеска и утре во Брисел.
„Продолжуваме да се обидуваме да го деескалираме конфликтот. Сè додека продолжува војната во Газа, ние нема да се вратиме на местото каде што бевме пред 7-ми октомври. Тоа е тековен процес во обид да се намалат тензиите во регионот и да се обидеме да го одржиме како што е“, изјави Метју Милер, портпарол на Стејт департментот.
Конфликтот на Блискиот исток се разгоре по нападот од Хамас врз Израел на 7-ми октомври, по што Тел Авив почна воена офанзива во Појасот Газа.
Маријана Димовска
