Европа

ПССЕ препорача Косово да добие покана за членство на Советот на Европа

17.04.2024 11:48

Мнозинството пратеници на Парламентарното собрание на Советот на Европа на пленарната седница во Стразбур го поддржа членството на Косово во организацијата за човекови права и развојот на демократијата …

Европскиот Парламент повторно беше домаќин на пролетната сесија на ПССЕ, со оглед дека Палатата на Европа во Стразбур сè уште се реновира. Во расправата за приемот на Косово во најстарата паневропска институција, претставувајќи го статутарното мислење, известувачката Дора Бакојани рече дека членството ќе доведе до „зајакнување на стандардите за човекови права преку обезбедување пристап до Европскиот суд за човекови права за сите оние кои се под јурисдикцијата на Косово“.

„Врз основа на сите горенаведени фактори, јас сум на мислење дека Парламентарното собрание треба да му препорача на Комитетот на министри да го покани Косово да стане членка на Советот на Европа“, изјави Бакојани.

Приемот во Советот на Европа е и глас за демократијата

За косовската делегација приемот во Советот на Европа е и глас за правда, демократија и човекови права во регионот.

„Пред нас не е само прашање на членство, туку прашање на признавање, солидарност и фундаментални принципи кои нè обврзуваат како членови на европското семејство“, изјави Арбен Гаши, Собрание на Косово.

Поддршка од Македонија

Поддршка дојде и од македонската делегација.

„Како Албанка од Северна Македонија, оваа тема е особено важна за мене, за албанците, за регионот и, конечно, за самата Европа. Разбирам, но не се согласувам со мислењата дека овој пристап ќе создаде нови конфликти во Европа“, рече Арта Билали- Зендели, македонска пратеничка.

Србија е против

Како и што се очекуваше, српската делегација беше против препораката.

„Почитувани, г-ѓа Дора Бакојани, би сакал да ви честитам за она што го правите денес бидејќи ќе останете во историјата како некој кој на најбрутален начин ги прекршил сите норми на меѓународното право и принципите на кои е основана оваа организација“, изјави Билјана Пантиќ-Пиља, претседателка на делегацијата на Србија.

Мислењето беше усвоено со 131 глас „за“ и 29 „против“ и 11 „воздржани“ од ПССЕ. Комитетот на министрите е поканет да обезбеди членството на Косово да биде „без предрасуди за позициите на поединечните земји-членки во однос на државноста на Косово“.

Според внатрешните прописи на Советот на Европа, одлуката на Комитетот не бара едногласно гласање и може да се донесе со двотретинско мнозинство од неговите членови.

Тони Гламчевски