Продолжува штрајкот на приватните специјализанти
И по вчерашната владина одлука, статусот на приватните специјализанти да се решава по избори, со предлог-законски решенија кои ќе ги предвидат нивните севкупни права и одговорности, тие продолжија со штрајкот за повисоки плати, здравствено осигурување и трансформација на нивниот работен однос. Сметаат дека се дадени истите ветувања кои ги слушале неколку пати...

Приватните специјализанти продолжија со штрајк, бидејќи како што велат, Владата и ресорното министерство не одговориле на нивните барања. Не им е јасно зошто не може да им се реши статусот и прашуваат дали тоа е порака дека за нив нема место во државава. Побараа и подршка од колегите - државни специјализанти.
Ординациите тешко функционираат
Професорката Љубинка Дамјановска- Крстиќ ги повика надлежните итно да го решат проблемот со оваа категорија од здравствениот систем, бидејќи без нивна помош, ординациите тешко ќе функционираат, па наместо стручниот кадар да остане во земјава, ќе си замине во странство.
Решение после изборите
Судбината на околу 400 приватни специјализанти ќе се решава по изборите. Таква одлука донесе владата на седница која планира со законски интервенции да ги дефинира нивните права и обврски.
Идните лекари специјалисти бараат месечниот надоместок да им биде поголем од сегашните 26 илјади денари, да имаат здравствено осигурување и да се реши статусот на невработени лица.
Анита Димитријевска- Велковска
