Османи: Евроинтеграцискиот процес можам да го завршам за пет години
Ако ја добијам довербата од граѓаните, како шеф на државата, евроинтеграцискиот процес можам да го завршам за пет години, вели претседателскиот кандидат на Европскиот фронт, Бујар Османи. Тој денеска организираше дебата за нашето коспонзорство на резолуцијата на Oбединетите нации за геноцидот во Сребреница.

Кандидатот за претседател на Европскиот фронт, Бујар Османи изјави дека е шокиран од изјавите и реакциите во јавноста во врска со ставот за коспонзорирање на резолуцијата на Обединетите нации за геноцидот во Сребреница.
Ги нарече жални, бидејќи за тоа има меѓународна судска одлука, па според Османи, универзална човекова должност е да се осудат злосторствата, да не се дозволи да се повторат, а не да се продолжува со говор на омраза и глорификација на сторителите. Војните на балканот завршија и треба помирување, додаде Османи.
Османи после дебатата со претставници на бошњачката заедница, рече дека Македонија е пример за мултиетничност и најприродно е од нас се очекува да осудуваме геноциди и да бидеме коспонзори. Би сакал, рече Османи рамо до рамо да застанеа и Србија и други балкански земји во заложбата за прекинување на злосторствата.
Фиљана Кока
