Избори 2024

Таравари ја претстави програмата во Дебар

17.04.2024 14:24

Таравари доколку ја добие довербата од граѓаните, ветува дека ќе го забрани коцкањето и брзите кредити кои ги презадолжија граѓаните. Вели да го отстраниме старото и да донесеме новини, со нов претседател, со нова влада, нов Устав за една држава која на сите ќе им припаѓа и сите ќе ја сакаат...

Да го отстраниме старото и да донесеме новини, со нов претседател, со нова Влада, нов Устав за држава која ќе им припаѓа на сите и сите ќе ја сакаат, порача од Дебар кандидатот за претседател поддржан од обединетата албанската опозиција „ВРЕДИ“, Арбен Таравари. Доколку ја добие довербата од граѓаните, ветува дека ќе го забрани коцкањето и брзите кредити кои ги презадолжија граѓаните. Претседателскиот кандидат Таравари вели дека државата ќе им помогне да ги покријат сите долгови кон овие банки.

„Овие пари ги полнат џебовите на руските и српските олигарси, а преку нив и на моќниците од ДУИ. Болеста наречена игри на среќа ја инсталира и промовираше ДУИ на секој чекор во нашите населби. Оваа болест, која се симболизира со лотаријата на Артан Груби, ги уништува нашите семејства, го уништува нашето општество. Почитувани граѓани на Дебар, нашата земја има уназадување во економијата, правдата, во демократијата, во почитувањето на правата на граѓаните, вработувањето, домувањето, развојот, образованието, здравството, во се имаме уназадување. Затоа велиме дека е време за промени, да го оттргнеме старото, да го донесеме новото“, рече Таравари.

Според претседателскиот кандидат Таравари, граѓаните трошат огромни суми пари дневно во игрите на среќа. Рече дека овој тренд е загрижувачки и вети дека во неговиот мандат ќе се запрат овие негативни појави и ќе се најде решение кое ќе го подобри животот на сите граѓани.

 

Викторија Милевска