Попоски: Украина покажа дека проширувањето на ЕУ и НАТО е приоритет
12 шефови на дипломатии на Југоисточна Европа уште еднаш во Букурешт, Романија потврдија дека целосната интеграција на стариот континент нема алтернатива. Македонскиот министер за надворешни Никола Попоски оцени дека настаните во Украина не потсетуваат на засилување на регионалната соработката поради европската. Албанија го презема ротациското претседавање со Процесот за соработка на Југоисточна Европа од Романија при крајот на месецов...

Букурешт во изминативе два дена беше средиштето на засилената политичка, но и економска комуникација во Југоисточна Европа. Проширувањето на НАТО, политиката на отворена врата, како и приемот на нови членки во европската унија не смее да запре, е ставот на романската влада.
„Ќе направиме се проширувањето на НАТО да продолжи. Вратите не смеат да се затворат. И европската иднина е иднина на сите во регионот. Романија се залага за затворање на сите отворени прашања на Балканот“, изјави Виктор Понта, претседател на владата на Романија.
Југоисточна Европа мора да ја синхронизира стабилноста во регионот преку најразлични проекти. За македонскиот шеф на дипломатијата, клучни предизвици се инфраструктурата, транспортот и енергијата што ќе придонесе кон одржлив развој и запирање на миграцијата кон богатите земји. Сепак во светлината на состојбата во Украина се покажа дека главна задача е засилувањето на европската безбедност, како и целосна интеграција на регионот во НАТО.
„ Сметам дека сме сите заедно во изборот и дека треба да ја надминеме онаа бариера на ’проблемот кај соседот треба да е решение за моите проблеми’. Мислам дека во оваа фаза навистина е созреано тоа да ги видиме работите од регионален контекст“, изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски.
И ако регионалната интеграција треба да се оствари и на спортски план, шефот на дипломатијата Попоски, кој изутрината имаше билатерална средба со романскиот министер за надворешни, Корлесеан, претстави уникатна идеја. Регионот заедно да го организира мундијалот по 12 или 16 години, импулс за забрзување на евроатлантското присоединување.
Зоран Богатинов, специјален известувач од Букурешт за МРТ
