Западот повикува на воздржаност од Израел
Западот повикува на воздржаност од Тел Авив – се бара Израел да не одговори на нападот од Иран. Техеран предупредува – ако се случи тоа, ќе следува масовен и остар одговор…

Шефовите на германската и британската дипломатија, Баербок и Камерон, на средба со највисоките функционери во Израел. Од Тел Авив бараат воздржаност и паметен одговор по иранскиот напад.
„Јасно е дека Израелците донесуваат одлука да дејствуваат. Се надеваме дека тоа ќе го направат паметно и на начин кој нема да ја ескалира ситуацијата. Но, сега е потребно повторно да се фокусираме на Хамас, на заложниците и помошта. Да се направи пауза во борбите, затоа сум овде, да се обидам да ги истуркам овие работи“, изјави Дејвид Камерон, министер за надворешни работи на Обединетото кралство.
Остар одговор од Иран
Иран предупреди дека дури и „најмалата“ инвазија на неговата територија ќе донесе остар одговор. Од одбраната на Израел велат дека Иран нема способност да ја одврати израелската војска.
„Израелците мора да бидат сигурни дека ќе се соочат со многу масовен и остар одговор“, изјави Ебрахим Раиси, претседател на Иран.
„Иран нема да може да спроведе поинаква равенка на одвраќање против државата Израел“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Западот со двојни стандарди
Турскиот претседател ги обвини западните земји за двојни стандарди.
„Израелското таргетирање на иранскиот конзулат во Дамаск беше последната капка. Освен неколку земји, никој не реагираше на агресивниот став на Израел кој ги погази меѓународните практики, но оние кои молчеа веднаш побрзаа да го осудат одговорот на Иран“, рече Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.
САД и Европската унија најавија нови санкции за Иран по нападот врз Израел викендов.
Бојана Крстевски
