Избори 2024

Ванковска: Потребен е нов граѓански Устав

17.04.2024 17:01

Нов граѓански Устав кој ќе стави крај на бинационалната држава и на процесот на федерализација, најавува кандидатката за претседател од партијата Левица, Билјана Ванковска. Таа во интервју за Македонската телевизија ја претстави нејзината програма…

Европска унија не е зона на мирот, таа е милитаризирана. За мене е неприфатлива поддршката која и ја дава на Израел, кој врши геноцид во Газа – децидна кандидатката за претседателка од Левица, Билјана Ванковска. Сакам да сме дел од ЕУ, но само доколку е заснована на поинакви вредности. Во Европската унија се одвиваат недемократски процеси, парите се пренасочуваат во воениот сектор, наместо во цивилниот – вели Ванковска.

„Оваа Европска унија не е зона на мирот, таа е веќе милитаризирана. Поддршката за Израел во ситуација која врши геноцид во газа за мене е неприфатливо. Урсула фон дер Лајен е таа којашто рече ние застануваме на правото на самоодбрана на Израел, против цивили и деца, тоа е нешто што мене ни морално ни политички не ми е прифатливо“, додава Ванковска.

Покренувањето постапка за излез од НАТО е неопходно, вели Ванковска. Македонија е сиромашна земја, нема економски развој, а секоја година за Алијансата издвојува по два насто од националниот доход.

„Ние треба да си го гледаме ова парче земја, да се трудиме во земјоделието да не бидеме зависни во земјоделските производи или во која било друга смисла, а не да инвестираме во воениот сектор, мислам дека заканите за Македонија не се од воена природа“, изјави Билјана Ванковска – претседателски кандидат од Левица.

Се повеќе страдаме од корумпирани елити и од лошо менаџирање на природните ресурси – вели Ванковска и најави дека ќе се бори против корупцијата.

 

Андријана Ѓурческа