Компаниите почнаа со исплата на регрес за годишен одмор

20.06.2014 17:05

Една од првите фирми која го направи тоа за сите свои 576 вработени е прилепска Витаминка...

Приватните компании започнаа со исплаќање на регресот за годишен одмор или популарно наречениот К-15. Една од првите фирми која го направи тоа за сите свои 576 вработени е прилепска Витаминка. Исплаќањето доаѓа согласно општиот колективен договор помеѓу Организацијата на работодавачи и ССМ, каде секоја компанија на своите вработени треба да им исплати К-15 во висина од 40% од просечната плата кај нас, или тоа е околу по околу 8.000 денари годишно на секој вработен.

„Интенцијата беше да се исплати регресот за годишен одмор пред годишните одмори, бидејќи нашите вработени користат годишни одмори, најмногу во овој период од годината. Што во суштина претставува и еден вид на стимул за вработените, попродуктивно да работат“, истакна Орде Ѓорѓиоски, директор на општи и правни работи во Витаминка.

Вработените кои добија К-15 после години пауза велат дека се многу задоволни.

„Ова е нешто добредојдено во секој период од годината, а особено сега за време на годишните одмори“, вели Татјана Николоска, вработена во Витаминка.

„Средствата се исплатени во вистински момент токму кога најмногу им требаат на сите“, рече Јулијана Антулеска, вработена во Витаминка.

Експертите велат дека ова позитивно ќе се одрази на економскиот раст, и дека не очекуваат намалување на побараувачката на работна сила поради зголемените трошоци на работодавачите.

„Зголемените приходи на вработени во приватниот сектор секако би требало на крај позитивно да се одразат во еден макроекономски контекст, односно на вкупната агрегатна побарувачка“, изјави Димитар Николоски, Универзитетски професор.

Според обврската, К-15 треба да биде ипслатен започнувајќи од 1 јули па се до крајот на годината, доколку работниците не го добијат можат тоа да го пријават во трудовата инспекција.

 

Дарко Штаргоски