Заев се заплетка?!
Заев вчера изјави дека одел во три збратимени општини. Солун не го спомна во нив, а според тоа што го објави „Дневник“, средбите биле најчесто во солунските ресторани...

Од општината Струмица денеска нема одговор за мистериозните посети на градоначалникот Заев на Грција што тој ги толуваше како службени.
„Градоначалникот објасни се на неговата прес-конференција“, беше кусиот коментар од таму на прашањето – зошто на официјалната интернет-страница на Општината нема ништо за посетите на Заев на Грција.
Заев вчера изјави дека одел во три збратимени општини. Солун не го спомна во нив, а според тоа што го објави „Дневник“, средбите биле најчесто во солунските ресторани. Весникот отвори дилеми - се кријат ли тајни договори кои Заев ги води кај соседите, а се поклопуваат со важни датуми за Македонија? Зошто Грција е неговата омилена дестинација?
Посетите на струмичкиот градоначалник не траеле подолго од 24 часа. Заев ја посетил Грција лани во октомври, во ист ден кога се случува новата рунда преговори меѓу медијаторот Нимиц и преговарачите во Њујорк.
Во средината на декември Заев ја посетил Грција, а три дена подоцна ЕУ донесе заклучок со кој Македонија не добива датум за отпочнување на преговорите.
Коинциденција или конкретна цел, прашува Дневник. Средбите во Грција, но, и во Бугарија зачестувале пред изборите. Непосредно по враќањето во земјава Заев ги обелоденува аферите Актор и Македонска банка.
Се отвора прашањето – колку е издржана е неговата изјавадека на преминот Дојран мора да се излезе од возилото за да се однесе пасошот до бараката или аргументот дека честите патувања кај јужниот сосед се поради член на семејството?
Наташа Гркова-Петрушевска
